Со новото теренско возило за „Комуна“ работата на претпријатието ќе стане поекономична, додека услугите кон граѓаните ќе се подобрат. Со оваа теренско возило претпријатието ќе може брзо, полесно и поекономично да пристапува кон планински терени, а самото возило ги подобрува капацитетите на „Комуна“ за извршување на своите дејности.
„Благодарение на надградба на нашите капацитети ќе можеме да ја исполниме целта на проектот преку кој го добиваме теренското возило, а тоа е заштита на животна средина, односно подобри услуги кон граѓаните за нивната безбедност и заштита на природното и културно богатство. Ова возило е една поекономична алатка која ќе овозможи претпријатието да ја подобри својата работа„, велат од ЈП „Комуна“ Крушево.
Новото теренско возило е набавено од страна на Центар за развој на пелагониско планскиот регион преку Бирото за регионален развој (Министерство за локална самоуправа) во рамки на проектот „Подобрување на системот за заштита на животната средина во Пелагонискиот регион преку јакнење на институционалните капацитети за комунални услуги и заштита и безбедност на граѓаните, нивните материјални добра и природното и културно богатство„.
Денес се изврши примопредавање на возилото, а претходно беше спроведена јавна набавка на која најповолен понудувач беше избран ДООЕЛ Уаз Патриот – Радовиш.