Крупни активности реализираше „Комуна“ во 2022 година и продолжи да ги зголемува приходите, а општествено одговорните кампањи беа меѓу приоритетите.
Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуна“ Крушево во 2022 година покрај обавување на редовните обврски беше партнер на општината во реализаиција на неколку инфраструктурни проекти, а годината што изминува не е исклучок од опремување на службите со механизација за поефикасно извршување на обврските.
2022-ра започна со интензивна работа на чистење на снег. Големите врнежи придонесоа обврските на „Комуна“ да се зголемат неколкукратно. Истовремено, на дел од улицата Партизанска често се случуваа дефекти на водоводната мрежа што дополнително го отежнуваше работењето. За таа цела во летниот период претпријатието започна со реконструкција на водоводна линија со цел да се избегнат чести дефекти. Проектот заврши успешно, а дефектите се минато.
Од аспект на водоснабдувањето во вториот дел од 2022-ра заврши процесот на обезбедување на вода за викенд зоната во близина на Крушевско Езеро, а на подобрување на водоснабдувањето работевме и во населените места.
Од аспект на одржување на локалните улици ЈП „Комуна“ Крушево може да се пофали со санација на улица во центарот на Крушево и изградба на потпорни ѕидови и проширување на дел од улица Нико Доага. Овие активности придонесоа за побезбедни и проодни улици. Со одржување на потпорни ѕидови „Комуна“ продолжи да работи и на делови од главната улица.
Активно се работеше и на хигиената. По главната улица се поставија нови контејнери, по т.н. „Корзо“ се поставија корпи, се расчистува просторот околу истите и се врши контрола. Со помош на донации се поставија корпи за отпад на Крушевско Езеро, а „Комуна“ спроведе неколку кампањи за подигнување на јавната свест за важноста од одржувањето и придонесот кон јавната хигиена.
Еден од посериозните зафати на претпријатието беше учеството во реконструкција на дел од ул. Питу Гули. „Комуна“ го уредуваше просторот за подобро складирање на отпад и изврши интервенција на водоводната мрежа. Во овој проект претпријатието учествуваше и со сопствена механизација при подготовките за асфалтирање.
Хортикултурно се уредија градскиот парк и градскиот плоштад, a „Комуна“ беше предводник на голема акција за чистење во рамки на т.н. Генералка викенд.
Во населените места „Комуна“ работеше на чистење на снег, чистење на речни корита, оспособување на пристапни патеки и помагаше во справувањето со невреме кое зафати во текот на месец август. Годината се заокружува со работа на голем дефект во с. Борино.
Во 2022 година „Комуна“ стави во функција нов камион за отпад и доби ново теренско возило.
2022-ра завршува со кампања „НЕ за градежен шут“ и со најава дека „Комуна“ Крушево ќе биде пилот претпријатие во проект за дигитализација на комуналните услуги, односно инасталација на водомери со специјализиран дигитален систем.