Водата е исправна, се’ друго е лага

Водата е исправна за пиење, пумпите не се вклучени од декември 2023 година, а дефектите не можат да се предвидат.

Почитувани,

Веродостојни информации и се’ она што треба да се зема во предвид кога се работи за состојбата со водата за пиење доаѓа од јавното претпријатие за комунални дејности „Комуна“ Крушево. Проверка на водата се прави еднаш месечно од страна на Центарот за јавно здравје Прилеп и за месец јуни констатирано е дека водата е исправна за пиење. Испитувањето на водата е правно пропишано и според големината на општината се прилагодува и фрекфенцијата на проверка. За поголеми градови тоа се прави почесто, а за Крушево еднаш месечно.

„Комуна“ редовно комуницира со граѓаните преку социјални мрежи и испраќа ивестувања до пишани и електронски медиуми и секогаш известува за состојбите со водата за пиење. Информациите кои утринава излегоа на социјалните мрежи и ги загрижија крушевчани не се точни. Се работи за дезинформации и лаги кои доаѓаат од сомнителен извор, односно од субјект кој го крие својот идентитет во споделувањето на неточни информации. Таквото однесување е неодговорно и создава непотребна паника кај граѓаните.

Пумпната станица со месеци не е активна. Не се пумпа вода од месец декември, а тоа е благодарение на интервенциите кои ги прави претпријатието во изворите спроведени по гравитационен пат. Водоводната мрежа редовно се одржува, а цевките се санираат со цел да се искористи максималниот проток на вода. Дополнителни заштеди на вода ќе има со новите водомери кои можат да детектираат евентуален дефект или прекумерно губење на вода. Така што, претпријатието сериозно штеди изминатите 7 месеци со тоа што не пумпа вода од пумпната станица која работи на струја.

Кога се работи за дефектите, претпријатието истите не може да ги предвиди. Застареноста на мрежата, но и неквалитетната реконструкција пред 10-тина година придонесуваат за дефекти. Се надеваме со најавената реконструкција на дел од водоводната мрежа дека проблемите, а со тоа и трошоците, ќе се намалат.

Апелираме на смиреност и одговорност. Сите информации ги споделуваме со граѓаните и ве уверуваме дека водата е исправна за пиење.

Со почит,
ЈП „Комуна“ Крушево
27.06.2024 г.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

ЈП „Комуна“ - Крушево